Вселенскиот телескоп James Webb (JSWT) ја сними првата фотографија од планета надвор од нашиот Сончев систем.
НАСА објави дека телескопот направил директна слика на „егзопланета“ наречена HIP 65426 b, која орбитира околу друга ѕвезда оддалечена околу 385 светлосни години.
Новата планета не е карпест свет како Земјата или Марс, туку гасен џин кој има околу шест до 12 пати поголема маса од Јупитер. Вселенскиот телескоп James Webb успеа да ја сними планетата преку различни филтри за инфрацрвена светлина додека ја блокираше светлината од матичната ѕвезда.
Снимањето на егзопланетите е тешко бидејќи ѕвездите сјаат многу посилно од планетите кои орбитираат околу нив, што ги прави потешко да се видат. Сепак, вселенскиот телескоп ја сними сликата, делумно благодарение на тоа што егзопланетата е релативно далеку од нејзиното матично сонце.
„Бидејќи HIP 65426 b е околу 100 пати подалеку од својата ѕвезда домаќин отколку Земјата од Сонцето, доволно е оддалечена од ѕвездата што James Webb лесно може да ја одвои планетата од ѕвездата на сликата“, соопшти НАСА.
Планетата, наречена HIP 65426 b, е стара околу 15 до 20 милиони години – и е само „бебешка планета“ во споредба со Земјата, стара 4,5 милијарди години.
„Добивањето на оваа слика беше како копање по вселенско богатство. Отпрвин можев да ја видам светлината само од ѕвездата, но со внимателна обработка на сликата успеав да ја отстранам таа светлина и да ја откријам планетата“, рече Арин Картер, водач на анализа на слики и постдокторски истражувач на Универзитетот во Калифорнија, Санта Круз, пишува CNN.