Еден од лековите што ги земал Доналд Трамп за време на лекувањето на коронавирусот е развиен со употреба на човечки клетки добиени од абортиран фетус, пишува The Guardian.
Лекот е коктел од моноклонални антитела развиен од Regeneron, Трамп добил инфузија од 8 грама, а лекот не е одобрен.
Матичните клетки што се користат за развој на лекот се познати како клетки ХЕК-293Т и првично биле извлечени од бубрег на ембрион по абортус извршен во Холандија во 70-тите години од минатиот век.
Трамп постојано се обидува да го ограничи пристапот до абортус, а еден од неговите последни обиди е да ја номинира конзервативната католичка судијка Ејми Кони Барет за Врховниот суд.
Републиканската партија на Трамп е против истражување на ембрионални матични клетки и повикува на забрана за федерално финансирање на такви истражувања.
Трамп веќе ги ограничи ваквите истражувања во 2019 година кога неговата администрација забрани финансирање на научници кои работат на студии од тој тип.
– Го запревме федералното финансирање на истражување на ткиво на фетус. Заземаме став пред лобистите за абортус како никогаш досега, рече Трамп на почетокот на оваа година.
Портпаролката на Regeneron, Александра Боуви, рече дека компанијата спорните клетки ХЕК-293Т не ги смета за ткиво.
– Клетките слободно се делат во лабораторија и не сметаме дека оние што денес ни се достапни се ткиво на фетус, а инаку не користевме фетално ткиво, изјави Боуви.
Развојот на коктелот со 450 милиони долари го поддржа БАРДА, институција во рамките на тамошното Министерство за здравство, задолжена за истражување и развој во биомедицината. Не е достапен за јавноста и досега е тестиран само на 275 лица.