Милан Ковач, кој ја води програмата за хуманоидни роботи на Tesla, Optimus, ја напушта компанијата.

Во објава на платформа X, Милан зборуваше за тоа како се приклучил на Tesla како инженер за основниот тим за автопилот во 2016 година и како почнал да ја води групата Optimus во 2022 година.

Тој објасни дека ја напушта својата позиција затоа што „предолго бил отсутен од дома и ќе треба да поминува повеќе време со своето семејство во странство“, објави Engadget.

Ковач нагласи дека ова е единствената причина за неговото заминување и дека неговата поддршка за Илон Маск и тимот на Tesla е „цврста“, можеби алудирајќи дека неговата одлука нема никаква врска со политиката на Маск или неодамнешната расправија со претседателот.

Tesla првпат објави дека работи на хуманоиден робот во 2021 година, иако не откри вистински прототип сè до една година подоцна, во 2022 година. Маск во тоа време рече дека Оптимус ќе може да се движи со брзина од 8 км/ч и да носи товар до 20 кг.

Тој исто така рече дека очекува да се продаде за 20.000 долари по парче кога ќе влезе во масовно производство и тврдеше дека машините би можеле да ѝ дадат на компанијата пазарна капитализација од 25 билиони долари.

Оттогаш, Tesla ја демонстрираше способноста на Оптимус да ракува со јајце, да готви оброци, да витка алишта и да фрла ѓубре. Сè уште не е јасно кога роботот официјално ќе биде пуштен во продажба, а Маск во април изјави дека производството на роботот е погодено од ограничувањата на Кина за извоз на ретки земни магнети, па затоа веројатно нема да биде наскоро.

Блумберг, кој прв објави за заминувањето на Ковач, соопшти дека тој ја напушта компанијата веднаш.