Австралиските тинејџери под 16 години наскоро ќе ги изгубат своите профили на Instagram, Facebook и Threads откако Meta почна да им испраќа известувања за затворање на сметките. Овој потег доаѓа пред националната забрана за социјалните медиуми за оваа возрасна група, објавува BBC.
Meta, сопственикот на платформите, им кажа на корисниците за кои верува дека се на возраст меѓу 13 и 15 години дека нивните сметки ќе бидат деактивирани од 4 декември. Самата забрана стапува на сила во Австралија на 10 декември, а опфаќа и други популарни платформи како што се TikTok, YouTube, X и Reddit.
Премиерот Ентони Албанес рече дека целта на она што го нарече водечка забрана во светот е да им се дозволи на децата да бидат деца. Иако Meta и другите технолошки компании се противат на мерката, тие потврдија дека ќе се придржуваат кон неа.
Австралискиот интернет регулатор проценува дека забраната ќе влијае на околу 150.000 корисници на Фејсбук и 350.000 корисници на Instagram на возраст од 13 до 15 години. Платформите кои нема да преземат „разумни чекори“ за блокирање на пристапот за лица под 16 години се соочуваат со казни до 50 милиони австралиски долари (25 милиони фунти).
„Иако работиме напорно за да ги отстраниме сите корисници за кои веруваме дека се под 16 години до 10 декември, усогласеноста ќе биде тековен и повеќеслоен процес“, изјави за Ројтерс Фајненшл Антигон Дејвис, потпретседател и глобален раководител на безбедноста во Meta.
Тинејџерите кои веруваат дека се доволно возрасни за да користат Instagram, Facebook и Threads ќе можат да го оспорат ограничувањето. Meta им нуди можност да ја потврдат својата возраст со правење „видео селфи“ што ќе се користи за скенирање на нивното лице или со обезбедување возачка дозвола или друг документ за идентификација издаден од владата. Пред да им се затворат сметките, корисниците можат да ги преземаат и зачувуваат своите објави, видеа и пораки.
фото: принтскрин






