Словачката компанија AeroMobil го претстави првиот летечки автомобил на светот со четири седишта.

Го придвижува хибриден систем со турбомотор со внатрешно согорување кој испорачува 300 коњски сили. Неговата најголема брзина на пат е 160 км/ч, а во воздух 360 км/ч.

Словачкиот летечки автомобил чини милион и пол евра, а на сопствениците им е потребна и пилотска дозвола, наведува Autoblog.

Трансформацијата од автомобил во авион трае три минути, а според очекувањата на компанијата, нивниот четворосед би требало да вози, односно да лета на регионални рути, покривајќи далечина од 805 километри.

AeroMobil моментно бара одобрение од Европската агенција за безбедност во воздушниот сообраќаj (EASA), по што би требало да уследи и сертификација во САД.

Доаѓањето на пазарот се очекува во 2027. година.