Истражувачите тврдат дека амазонската прашума се движи кон „пресвртна точка“ после која би можело дрвјата масовно да изумрат, пишува BBC.
Истражувањата покажаа дека најголемата прашума во светот ја губи способноста да се опорави од штетите предизвикани од суши, пожари и уништување на шумите. Големите области би можеле да станат ретко пошумена савана, која е многу помалку ефикасна од тропските шуми во „цицање“ на јаглерод диоксид од воздухот.
Огромните шуми го задржуваат јаглеродот кој инаку би придонел за глобалното затоплување, но претходните истражувања покажаа дека делови од прашумите на Амазон сега испуштаат повеќе јаглерод диоксид отколку што можат да апсорбираат.
„Дрвјата го губат здравјето и можно е да се приближуваат до пресвртница, односно масовно губење на дрвјата“, вели д-р Крис Бултон од Универзитетот во Ексетер.
Има знаци на губење на отпорноста во повеќе од 75 проценти од шумите, на дрвјата им треба повеќе време да се опорават од ефектите од сушите кои главно се резултат на климатските промени и влијанието на човекот, како што се пожари и уништување на шумите. Магичниот круг на штета може да предизвика истребување, велат истражувачите.
Иако не е јасно кога може да се достигне оваа точка, импликациите за климатските промени, биодиверзитетот и локалната заедница би биле „погубни“.
Откако ќе започне процесот, истражувачите веруваат дека значителен дел од амазонската прашума за само неколку децении ќе се трансформира во савана, многу различен екосистем составен од мешавина од тревни површини и дрвја.
„Амазонската прашума складира многу јаглерод и сето тоа ќе се ослободи во атмосферата, а тоа дополнително ќе придонесе за пораст на температурата и ќе има ефекти врз глобалните температури“, рече Бултон.
Околу една петтина од прашумите веќе е изгубена во споредба со прединдустриското ниво.
„Уништувањето на шумите и климатските промени веројатно ќе бидат главните двигатели на овој пад“, вели професорот Никлас Боерс од Техничкиот универзитет во Минхен.
„Овие податоци се совпаѓаат со акумулираните докази дека двојниот притисок на климатските промени и експлоатацијата на тропските шуми ја загрозуваат најголемата прашума во светот, дом на еден од секои десет видови познати на науката“, рече д-р Бони Воринг од Институтот Грантам.
Истражувањето се базира на сателитски податоци од периодот меѓу 1991 и 2016 година.
Извор: Klix.ba