Американската компанија Novavax соопшти дека резултатите од тестирањата во Велика Британија покажале дека нејзината вакцина против коронавирусот е ефикасна 89,3 проценти.

Компанијата наведува дека прелиминарните резултати покажале дека вакцината е речиси исто толку ефикасна и против новиот, позаразен вид на корона вирус, откриен во Велика Британија.

Novavax соопшти дека очекува истражувањето, во кое учествувале 15.000 лица на возраст од 18 до 84 години, да се искористи за поднесување барања за регулаторна ревизија во Велика Британија, ЕУ и другите земји.

Веднаш по дознавањето на резултатите, британскиот премиер Борис Џонсон како многу добра вест ја оцени ефикасноста на вакцината на Novavax.

„Нашето регулаторно тело за лекови сега ќе ја оцени вакцината што ќе се произведува во Тисајд. Доколку биде одобрена, ќе нарачаме 60 милиони дози“, напиша Џонсон на Твитер, пренесен од британските медиуми.

Во истражувањето на Novavax околу 27 проценти од учесниците биле лица постари од 65 години, пренесуваат британските медиуми.