Анализата на Европската опсерваторија за алтернативни горива при Европската комисија покажува дека флотата на патнички автомобили со погон на алтернативни горива во Европската Унија се зголемува бавно и претставува 4,3 проценти од вкупниот број на автомобили во 2019 година, што е раст од 0,9 проценти во однос на 2010 година, кога учествуваат со 3,4 проценти.
Во истиот период вкупната флота на автомобили во Европската Унија бележи раст од 15 проценти.
Возилата на автоплин или ТНГ имале удел од 89 проценти во вкупната флота на возила на алтернативен погон во 2010 година, додека остатокот биле возила со погон на ЦНГ или попознат како метан. Во 2019 година ТНГ сѐ уште доминира со 77 проценти удел, по што следи метанот со 12 проценти, а електричните возила имаат удел од 11 отсто.
Според анализата, растот на флотата на патнички возила на алтернативен погон се должи на регистрација на нови возила, со исклучок на ТНГ, каде растот доаѓа од конверзација по продажба. Во 2019 година 78 проценти од растот се должи на електрични возила.
Според податоците од Државниот завод за статистика на нашиот пазар омилено гориво е дизелот. На патиштата во 2019 година имало вкупно 426 000 возила, од кои најмногу на нафта 225 474, потоа на бензински погон – 188 778 возила, по што следат бензин – гас 11 470 и само 51 возило на електрична енергија.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека просечната старост на патничките автомобили во нашата земја се зголемува од 19,1 година во 2018, на 19,3 години во 2019 година.
Над 374.000 или 87,9 проценти од регистрираните патнички возила во 2019 година биле постари од десет години.