Бил Гејтс во 2020 година го напуштил Управниот одбор на Microsoft, кога бордот на директори спровел истрага за поранешна романтична врска на милијардерот со вработена во неговата компанија, соопшти „Волстрит журнал“.
Основачот и поранешен шеф на американскиот технолошки гигант се повлече од претседателската фотелја во март 2020 година.
„Членовите на бордот на Microsoft одлучија дека Бил Гејтс треба да се повлече од него уште во 2020 година, бидејќи спроведоа истрага за претходна романтична врска на милијардерот со жена вработена во компанијата, за која се сметаше дека е несоодветна“, јави весникот, повикувајќи се на луѓе запознати со случајот.
Тоа била „афера од пред речиси 20 години, која завршила спогодбено“, изјави портпаролката на Гејтс.
Според портпаролката, Гејтс го напуштил Microsoft за повеќе да се фокусира на неговата филантропска организација, фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“.
Гејтс и неговата сопруга Мелинда, кои беа ко-основачи на нивната добротворна организација пред две децении во борбата против глобалната сиромаштија и болести, на 3 мај објавија дека се разведуваат по 27 години заеднички живот.
Портпарол на Microsoft за француските медиуми изјави дека во втората половина на 2019 година компанијата била предупредена дека „Бил Гејтс во 2000 година се обидел да почне интимна врска со вработена во компанијата. Комитет на Бородот изразил загриженост, и потпомогнат од надворешна правна фирма, спровел темелна истрага “.
Вработената, инаку инженерка во компанијата, во писмо тврди дека „со години“ имала сексуална врска со Гејтс, јави „Волстрит журнал“.