Аматерски астрономи снимија огромен блесок на Јупитер пред неколку дена, кој настана кога небесно тело удри во гасовитиот џин. Ударот се случил на 29 август во 1.45 часот по полноќ.

Фотографиите покажуваат краток блесок на површината на Јупитер, кој, најверојатно, бил предизвикан од удар на комета или астероид.

Разни вселенски тела често го погодуваат Јупитер поради неговата силна гравитација и близината до главниот астероиден појас. Најзначајниот ваков настан се случи во 1994 година кога овој гасен џин беше погоден од остатоци од кометата Шумејкер-Леви 9“ по што астрономите можеа да видат оштетувања во атмосферата со месеци по ударот, пишува „Спејс.ком“.

Научниците веруваат дека Јупитер игра главна улога во заштитата на внатрешниот сончев систем од астероиди и комети со привлекување и апсорпција на удари или исфрлање потенцијално опасни објекти понатаму во Сончевиот систем.