Вкупно 12 шишиња француско вино и 320 примероци винова лоза се вратени во Бордо, на југозападот од Франција, по неколку месеци минати на Меѓународната вселенска станица (МВС) како дел од научен експеримент.
Истражувачот Никола Гом изјави дека ова е првата програма за истражување на вселенската средина за да се исполнат предизвиците на идното „вселенско земјоделство“, со помалку питка вода. Шишињата вино се чуваа во МВС во исти услови како и на Земјата, само без гравитација.
– Кога условите на Земјата се пресликуваат во Вселената, на пр., на МВС, единствениот параметар што се менува е скоро нултата гравитација. Тоа го изложува животот на МВС на огромен стрес. Растенијата кои се изложени на нови околности може да развијат поголема отпорност на некои појави, како што се климатските промени на Земјата, вели Гом. – Она што го учиме во винската индустрија, планираме да го развиваме и на други полиња на земјоделството, додаде тој.
Виното, како и примероците од винова лоза од која се прават славните вина „Мерло“ и „Каберне Совињон“, беа вратено на Земјата на 13 јануари. Шишињата потоа беа пренесени во Бордо, каде што ќе се споредат со други вина кои ги имаа истите услови за чување на Земјата.