Компанијата Oppo во декември ќе претстави два нови мобилни телефони од серијата Find N со дизајн на преклопување.
Find N Flip и Find N2 (имињата се непотврдени) ќе бидат наследници на минатогодишниот модел со хоризонтално преклопување, кој работи со Color OS 13 базиран на оперативниот систем Android 13.
Неколку скриншотови кои се појавија на социјалните мрежи откриваат дека ќе има екран со брзина на освежување од 120 Hz, 12 GB RAM и 256 GB внатрешна меморија. Исто така, тие ќе се напојуваат од процесорот Snapdragon 8 Plus Gen 1.
Моделот Find N2 ќе користи 7,1-инчен LTPO AMOLED екран на преклопување, ќе се напојува од батерија од 4.520 mAh, додека задниот панел ќе биде покриен со имитација на кожа.
Сензорот за отпечатоци ќе биде поставен на страна и интегриран во копчето „Power“, исто како и во случајот со претходниот модел. Се очекува да биде достапен во црна, бела и зелена боја. Производството е веќе започнато, па наскоро се очекува датумот на претставување.
Find N2 и Find N Flip ќе се појават на кинескиот пазар, а љубителите на брендот Oppo се надеваат дека уредите ќе го најдат патот и до светскиот пазар.