Берлинскиот експерт за вируси, Кристијан Дростен, рече дека летото во Германија може да излезе многу добро со продолжување на вакцинацијата и олеснување на рестриктивните мерки.

„Мислам дека ефектите што може да ѝ се припишат на вакцинацијата првпат ќе ги видиме во јуни“, изјави за телевизијата ЗДФ во неделата вечерта Кристијан Дростен, директор за вирологија на универзитетската болница „Шарите“ во Берлин.

На прашањето за годишни одмори, отворање тераси на ресторани и скара со пријатели, тој објасни дека многу работи сега може да се дозволат на отворено.

Но, Дростен предупреди дека не треба прерано да се потпадне под чувството на целосна еуфорија.

Тој истакна дека колективниот имунитет ќе ја подобри ситуацијата, но предупреди дека болеста нема да исчезне наесен.

Невакцинираните лица ќе продолжат да се заразуваат и да се разболуваат, но нема да има повеќе неконтролирано ширење на вирусот, додаде тој.

Новиот бран на зараза од коронавирусот, кој ги мачи германските власти од ноември, се чини дека се намалува, со оглед на седумдневната стапка на инциденција, која се намалува веќе две недели.

Според Институтот за контрола на болестите „Роберт Кох“ (РКИ), бројот на новозаразени на 100.000 жители за седум дена бил 118,6 во неделата вечерта на национално ниво, што е помалку од 146,5 претходната недела.

Извор: Макфакс