Огласувачите ја напуштаат социјалната мрежа Х (Твитер), бидејќи се загрижени дека нивните реклами може да се појават заедно со пронацистичка содржина и говор на омраза на платформата, откако сопственикот, американскиот милијардер Илон Маск, доби критики, дури и од Белата куќа, за поттикнување антисемитизам, пренесува АП.

IBM минатата недела престана да се рекламира на X, по извештаите дека нејзината реклама се појавила покрај материјалот што ги велича нацистите.

Либералната група за застапување Media Matters во четвртокот соопшти дека рекламите од Apple, Oracle, NBC Universal Bravo и Comcast, исто така, се поставени заедно со антисемитски материјали на X мрежата.

„IBM има нулта толеранција за говор на омраза и дискриминација, така што веднаш го прекинавме нашето рекламирање на X додека ги истражуваме околностите на оваа апсолутно неприфатлива ситуација“, велат од компанијата.

Европската комисија, исто така, во петокот изјави дека ќе го паузира рекламирањето на X и другите социјални платформи, поради зголемениот говор на омраза. Во петокот, Disney, Lionsgate, и Paramount Global исто така рекоа дека го намалуваат или паузираат рекламирањето на Х.

Во петокот, Белата куќа го осуди Маск за, како што беше наведено, „повторување гнасни антисемитски лаги“ на X и рече дека тоа е „страшна промоција на антисемитска и расистичка омраза“, спротивно на вредностите за кои се залагаат Американците.

На почетокот на минатата недела Маск предизвика остри реакции објавувајќи твитови во кои одговара на пораките на друг корисник, кој лажно ги обвинува Евреите за наводно „ширење омраза против белците“, објави Гласот на Америка. Маск конкретно одговори на таа објава со зборовите: „Всушност ја кажувате вистината“.