Дел од корисниците кои користат фитнес-нараквици и паметни часовници, и споделуваат информации за активностите на социјалните мрежи, можат да чувствуваат притисок постојано да одржуваат таков „здрав“ приказ за себе на интернет.

Паметните часовници и нараквиците за следење на активностите на многумина им ги променија спортските навики, затоа што ги мотивираат да трчаат и да вежбаат почесто и повеќе. Покрај тоа што можат да го следат сопствениот напредок, претрчаните километри и времето поминато во теретана и бавењето со спорт, податоците од апликациите често се објавуваат на социјалните мрежи. Корисниците се фалат со тоа, но и се натпреваруваат со пријателите и познаниците од виртуелниот свет, често за да се мотивираат едни со други.

Но, иако се јасни позитивните ефекти од користењето на технологијата и следењето на активностите, се поставува прашањето за потенцијалните негативни ефекти што можат да ги имаат врз луѓето и нивната ментална состојба. На страницата посветена за љубителите на трчањето, Runners World велат дека досега немало вистинско истражување во кое научниците би пробале да најдат одговор на тоа прашање.

Првото такво истражување е спроведена неодамна и неговите резултати се објавени во Social Media and Society, а го спроведе тим предводен од научничката Рајчел Кент. Нејзините резултати укажуваат на постоење на одредени негативни влијанија на корисниците на уредите и апликациите за следење на активноста. Исто така, се покажа дека постојаните објави на социјалните медиуми (Instagram е вклучен во истражувањето) за нивните спортски успеси и физички активности, понекогаш може да имаат и несакани последици на корисниците.

Истражувањето ги опфати корисниците на Fitbit и апликациите како MyFitness Pal и Strava, како и корисниците на Instagram. Рејчел Кент вели дека корисниците кои се прикажуваат на социјалните медиуми и виртуелниот свет како модели кога станува збор за здрав и активен животен стил, со текот на времето почнуваат да чувствуваат притисок постојано да одржуваат таков „здрав“ приказ за себе, што може да се претвори во зависност. Исто така, понекогаш се споредуваат со другите луѓе и нивните активности што ги објавуваат онлајн, што им создава уште поголем притисок, бидејќи имаат чувство дека мораат да бидат подобри од нив.

Секако, ова е само едната страна од медалот, бидејќи следењето на успехот на другите луѓе на социјалните мрежи може да биде одлична мотивација за многумина и им покажува дека ако другите луѓе како нив можат да постигнат одредени успеси (да имаат атлетско изградено тело, да трчаат 10 или повеќе км), можат и тие, вели спортскиот психолог Џози Пери. Ова посебно може да им биде корисно на луѓето кои трчаат сами, бидејќи преку социјалните мрежи можат да се поврзат со другите тркачи и да споделат совети и искуства.

Таа укажа и на слична работа која ја покажа истражувањето – притисокот кои некои тркачи можат да го почувствуваат при објавата на своите достигнувања на социјалните мрежи – дали трчале доволно долго, доволно брзо итн. Исто така, поради учеството во разни предизвици (на пример, предизвик месечно да се истрча 100 км) може да дојде до претерувања и повреди.