Омикронот полесно го избегнува имунитетот на домаќинот отколку делта сојот на коронавирусот, што објаснува и зошто побрзо се шири, се наведува во истражувањето на данските научници објавено минатата недела.

Од откривањето на омикронот во ноември, научниците настојуваат да утврдат дали предизвикува полесни симптоми на болеста и зошто се чини позаразен од делта сојот.

Постојат различни причини поради кои вирусот полесно би можел да се пренесува како на пример колку долго лебди во воздухот, колку е способен да се врзува за клетките, како и колку добро го избегнува имунолошкиот систем на домаќинот.

Истражувањето, под водство на научници од Универзитетот во Копенхаген, главната организација за статистика „Статистик Денмарк“ и серолошкиот институт „Стејтен Серум Институт“ (ССИ) укажува на тоа дека главната причина за забрзаното ширење на овој сој на вирусот е неговата способност да го избегнува имунитетот стекнат преку вакцините.

„Нашите откритија потврдуваат дека брзото ширење на омикрон сојот можеме да го припишеме на способноста на заобиколување на имунитетот, а не на инхерентното зголемување на преносливоста“, тврдат истражувачите.

Данските научници претходно заклучија дека омикронот е помеѓу 2,7 и 3,7 пати позаразен од делта сојот, помеѓу вакцинираната популација.

Помала е веројатноста вакцинираните лица со трета доза да го пренесат вирусот

Истражувањето исто така открило дека, независно за кој сој на вирусот станува збор, помала е веројатноста дека оние вакцинираните и со трета доза ќе го пренесат вирусот отколку оние кои не се вакцинирани.

„Иако е полесно пренослив, омикронот предизвикува поблаг облик на болеста“, изјавила за медиумите Тајра Гроув Краус, техничка директорка на „ССИ“.

Таа додала и дека ризикот од хоспитализација поради омикрон сојот е двојно помал отколку кај делта сојот, но поради зголемениот број на заразени, здравствените системи и понатаму е под притисок.

Слични податоци се јавуваат и во други истражувања за омикронот.