Доктор од Бостон веднаш по примањето на вакцината за коронавирус „Модерна“, развил сериозна алергиска реакција. До реакцијата на вакцината дошло во временски период од само неколку минути.

Д-р Хосеин Садрзадех, геријатриски онколог од Бостонскиот медицински центар, инаку бил алергичен на школки. Имал закажан термин за вакцинирање во попладневните часови.

Во интервјуто д-р Хосеин изјавил дека доживеал моќна реакција речиси веднаш откако ја примил вакцината. Почувствувал вртоглавица, а срцето почнало забрзано да му чука.

Како што изјавил тој, за неколку минути по вбризгувањето на вакцината во 15 и 30 часот отчукувањето на срцето му се зголемило на 150 отчукувања во минута, речиси двојно од нормалниот ритам, а јазикот како да му се „парализирал“, пренесува „Business-standard“.

Набрзо потоа го облеала ладна пот и почувствувал вртоглавица и несвестица. Неговиот крвен притисок исто така нагло паднал. Сфатил дека неговиот имунолошки систем се „буни“.

„Беше тоа истата анафилактичка реакција која што ја доживувам кога јадам школки“, изјавил докторот.

Докторот на носилка бил однесен во брзата помош каде што добил неколку лекови, вклучувајќи и стероиди за да се смири имунолошката реакција која што го опфатила неговото тело.

Во извештајот се наведува дека бил донесен во брза помош поради „отежнато дишење, вртоглавица и непосакувани дејства по примањето на вакцината за коронавирусот“.

Четири часа подоцна докторот бил пуштен. Од петокот наутро изјавил дека се чувствува целосно закрепнато. Но, настаните кои што му се случиле претходниот ден целосно го потресле.

„Не сакам никој да поминува низ тоа“, прокоментирал кратко докторот, а за својата реакција на вакцината „Модерна“ го известил и националниот состав за надзор на безбедност на вакцините.

Реј Џордан, претставник на „Модерна“ изјавил дека во четвртокот навечер компанијата не можела јавно да го коментира овој настан. Федералната агенција за лекови исто така не го коментирала случајот.

Том Скинер од Центарот за контрола и превенција на болести изјавил дека информациите за реакцијата на новата вакцина ќе бидат објавени на веб страниците од агенцијата – до наредната седмица.

Службеници од Управата за храна и лекови и Центарот за контрола и превенција на болести разговарале за реакциите кои што вклучуваат и некои случаи по примање на факцината на „Фајзер“, но не утврдиле некоја состојка од вакцината која што предизвикува алергиска реакција.

Неколку здравствени работници од Велика Британија исто така доживеале анафилакса по примањето на вакцината на „Фајзер“ на почетокот на овој месец.

„Со над 1.1 милиони дози од вакцината кои што веќе се испорачани во некои од земјите, сериозните алергиски реакции и понатаму се ретки и не треба да се предизвикува загриженост кај луѓето“, изјавила д-р Мерин, алерголог и имунолог од Универзитето Емори.