Необврзувачка резолуција на Европскиот парламент повикува на забрана за технологија за предвидувањa базирани на AI (вештачка интелигенција), која би можела да ја користи полицијата.
Европскиот парламент повика на забрана за полициска употреба на технологија за препознавање лица на јавни места и предвидувања на полицијата, контроверзна практика која вклучува употреба на алатки за вештачка интелигенција со надеж дека ќе профилира потенцијални криминалци пред да биде извршено злосторство.
Во резолуцијата донесена со мнозинство гласови, пратениците побараа и забрана за приватни бази на податоци за препознавање лица, како оние што ги користи контроверзната компанија Clearview AI. Парламентот, исто така, го поддржува обидот на Европската комисија во нејзиниот нацрт-закон за вештачка интелигенција да ги забрани системите за социјално бодување, како оние што ги воведе Кина, кои ја проценуваат довербата на граѓаните врз основа на нивното однесување.
„Ова е голема победа за сите граѓани на Европа“, рече Петар Витанов, автор на резолуцијата.
Оваа необврзувачка резолуција испраќа силен сигнал за тоа како Парламентот најверојатно ќе гласа во претстојните преговори за Законот за вештачка интелигенција. Предлог-законот на Европската комисија ја ограничува употребата на далечинска биометриска идентификација – вклучително и технологија за препознавање лица – на јавни места, освен ако не станува збор за борба против „сериозниот“ криминал, како што се киднапирање и тероризам.
Водечкиот преговарач на Законот за вештачка интелигенција, Брандо Бенифеи, и скоро сите негови преговарачи од други политички групи во парламентот побараа целосна забрана за технологии за препознавање лица. Ова е во целосна спротивност со политиките што се водат во некои земји-членки на ЕУ, кои сакаат да ги користат овие технологии за да ги зајакнат своите безбедносни системи.
Извор: B92.net