Европската унија ја казни компанијата Amazon со 886,6 милиони долари, поради обработка на лични податоци, со што била прекршена Општата уредба на ЕУ за заштита на лични податоци (GDPR).

Луксембуршката национална комисија за заштита на податоци (CNPD) и изрекла казна на компанијата Amazon Europe во одлуката од 16-ти јули, соопштил тој гигант во областа на електронската продажба во поднесок доставен до регулаторите, пренесува Reuters.

“Веруваме дека одлуката на CNPD е без основ и планираме енергично да се браниме по ова прашање”, се наведува во поднесокот од компанијата.

GDPR бара од компанијата да бара согласност од луѓето пред користењето на нивните лични податоци или да се соочи со големи парични казни.

Американскиот весник Wall Street Journal во јуни, повикувајќи се на луѓето запознаени со тоа прашање, пренел дека компанијата би можела да биде казнета со повеќе од 425 милиони долари според законот за приватност на ЕУ.