Инфекцијата со коронавирусот стана „нормална“ работа и во таа смисла се поставуваат многу логични прашања. Едно од нив е колку брзо може повторно да се заразите со коронавирусот, доколку сте го прележале?

Болеста Ковид-19 е предизвикана од вирусот SARS-CoV2 кој се смета за високозаразен вирус. Вирусот веќе нè нападна со разни мутации, но не можат да се исклучат ниту новите мутации во иднина.

Повторната зараза со овој вирус е возможна доколку не ги почитувате насоките за превентивните мерки кои можат да ја намалат трансмисијата на Ковид-19.

Што е реинфекција на коронавирус?

Кога личноста ќе се зарази со коронавирус повеќе пати од еднаш, се вели дека личноста е реинфицирана со вирусот.

„Реинфекција со вирус како последица на Ковид-19 значи дека личноста била заразена, закрепнала, па потоа повторно се заразила. По закрепнувањето од Ковид-19, поголем дел од луѓето имаат некаков вид на заштита од повторно заразување. Сепак, реинфекцијата сеедно се појавува“, велат од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC).

Колку брзо може да дојде до реинфекција со коронавирус?

Многу од експертите го поврзуваат имунитетот на самиот човек со реинфекцијата.

Иако не постои дефинитивен одговор колку брзо може да се заразите повторно со коронавирусот, според последните податоци кои ги објави CDC, добиени од истражување, се покажало дека три месеци по прележан коронавирус не е потребно повторно тестирање на личноста, доколку таа не пројавува симптоми на Ковид-19.

Друго истражување покажало дека поголем дел луѓето коишто ќе се заразат со коронавирусот, без оглед на тоа дали имаат или немаат симптоми, произведуваат антитела и клетки кои се борат против вирусот. За оние кои закрепнале од вирусот, шансите за реинфекција се многу мали во првите три месеци по закрепнувањето.

„Доколку сте имале блага зараза и не сте имале добар имунолошки одговор и се изложите повторно на поголема количина на вирусот, повторната зараза дефинитивно е возможна“, вели д-р Томас Русо, професор и шеф на катедрата за инфективни болести на Универзитетот Бафало во Њујорк.

Како доаѓа до зараза со коронавирусот?

До инфекција со коронавирусот доаѓа кога личноста ќе се изложи на вирусот. Вообичаено коронавирусот се шири низ капките кои се создаваат кога заразена личност кашла, зборува или кива. Токму поради тоа важно е да го покривате носот, устата, но и да ги миете вашите раце

„Вирусот може да се шири од личност до личност низ ситните капки од носот или устата кога заразена личност дише или кашла. Тие капки се лепат на предмети или површината околу личноста која е заразена. Другите луѓе можат да се заразат со коронавирусот допирајќи ги тие предмети или површини и притоа допирајќи го носот, своите очи или устата. Луѓето исто така можат да се заразат вдишувајќи ги капките од заразената личност . Затоа е важно да има растојание меѓу луѓето, најмалку еден метар“, велат експертите.

Зошто реинфекција со вирусот е можна?

Најголем ризик за реинфекција е кога ќе се изложиме на пациенти кои се асимптоматски.

Тоа се лица кои се заразени со вирусот, но не покажуваат никакви симптоми. Во текот на последниот бран на Ковид-19, за кој главно е заслужен омикрон сојот, поголем дел од заразата се случи меѓу асимптоматските преносители, пишува „Times of India“.