Oсновачот на SpaceX и Tesla, Елон Маск ги откри плановите за изградба на првиот град на Марс.

Маск на конференцијата „Mars Society“ рече дека проектите за развој на град на Марс се во тек и треба да бидат завршени пред 2050. година, односно пред да се случи некоја катастрофа на планетата Земја.

„Нашата цел е да создадеме град на Марс којшто нема да биде зависен од планетата Земја. Нема да изградиме база, туку цел град“, вели Маск, пишува Independent.

Тој изјави дека работи на плановите за град на Марс бидејќи планетата Земја може да биде погодена од некоја комета, може да еруптира некој вулкан или да се случи некој „нуклеарен Армагедон“.

„Сè се сведува на тоа дали ќе успееме да изградиме град на Марс пред да се случи Третата светска војна. Мали се шансите да успееме да изградиме град на Марс доколку избие некаква војна, затоа претходно треба да го направиме тоа“, потенцира Маск.