Научниците ги открија можните причини што предизвикаа колапс на телескопот на опсерваторијата Аресибо, познат и како телескоп за лов на вонземјани.
Радио телескопот во опсерваторијата Аресибо во Порторико, познат особено од филмовите „Контакт“ и „Голдфингер“, се урна во декември, а два тима научници кои самостојно спроведуваат истрага сега пронајдоа докази за можната причина.
Еден тим се фокусираше на тестирање на 12 помошни кабли, кои заедно со уште 24 други главни кабли ја држеле конструкцијата тешка 900 тони над големото огледало.
Тие 12 помошни кабли биле додадени на конструкцијата во 90-тите години на минатиот век, кога била инсталирана нова масивна висечка купола.
Прв попуштил еден од тие 12 кабли така што испаднал од лежиштето на една од трите кули на кои била обесена конструкцијата. Потоа, другите кабли почнале да се олабавуваат, така што конструкцијата на крајот целосно се срушила.
„Прелиминарната истрага откри дека има фабричка грешка во овие кабли. Исто така, постапката за поврзување не била направена како што треба, што довело до колапс на структурните елементи. Но, конечниот извештај сè уште не е завршен”, рече Франциско Кордова, директор на опсерваторијата, за порталот Space.
Втората истрага се фокусираше на главните кабли, поставени за време на изградбата на телескопот во 60-тите години на минатиот век.
Еден од тие кабли започнал да пука во ноември, иако експертите утврдиле дека неговиот товар е само 60 проценти од можната носивост.
Кордова додава дека се анализираат и други фактори кои можеле да влијаат на стабилноста на телескопот, како што се возраста, но и ураганите и земјотресите што влијаеле на околината.
Од моментот на изградбата на опсерваторијата досега се регистрирани дури 10.000 земјотреси во овој дел на Порторико.
„Всушност, цело време се тресеме. Сигурно можеше да биде фактор за уривање, а експертите сè уште ја анализираат таа можност”, рече Кордова.
Тој додаде дека расчистувањето на урнатините е во тек и дека веќе е отстранета азимутската „рака“, која ги насочувала инструментите, како и обесената купола на која имало антени и радарски предавател.
Демонтирана е и „плочата“ на телескопот, со дијаметар од 305 метри, а експертите проценуваат што може да се спаси од него.
Опсерваторијата Аресибо е во сопственост на Американската национална фондација за наука.
Извор: B92.net