Претставници на компанијата Open AI им порачаа на американските власти дека е неопходно да се изградат огромни центри за податоци во таа земја.

Според нив, овие центри се потребни за развој на понапредни модели на вештачка интелигенција и технолошка конкуренција со Кина.

Компанијата предложи изградба на центри за податоци секој со моќност од пет гигавати, што е доволно за напојување на речиси три милиони домови и е еквивалентно на моќноста на пет нуклеарни реактори, пренесува Блумберг.

Според извештаите, на состанокот во Белата куќа на кој присуствувал извршниот директор на Open AI Сем Алтман, на официјални лица во Вашингтон им бил претставен документ во кој се истакнуваат економските и безбедносните придобивки од таков проект.

Целта на Open AI е првично да се фокусира на изградба на еден центар за податоци и евентуално подоцна да ги прошири и изгради други капацитети, додава њујоршката агенција, повикувајќи се на анонимен информиран извор.

Извршниот директор на Constellation Energy Corp, Џо Домингез, наведува дека Алтман планира да изгради пет до седум центри за податоци во САД.