Американскиот милијардер Илон Маск ги разгледува архивите на Твитер и бара начини да ја подобри својата нова социјална мрежа, а неговиот тим побара од инженерите да ја разгледаат апликацијата Vine и да утврдат колку работа треба да се направи за да се оживее.
Vine беше апликација за објавување кратки клипови до шест секунди, се појави во јануари 2013 година, а беше затворена четири години подоцна. После тоа, продолжи да постои само како апликација за камера.
Според некои извори, Vine би можел да се „оживее“ до крајот на годината, а тој рок е прилично „агресивен“ за апликација чиј код е стар повеќе од 10 години.
Маск објави анкета на Твитер во која прашува дали Vine треба да се врати или не. Twitter го купи Vine во 2012 година кога беше јавна компанија и го лансираше во 2013 година. Анкетата покажа дека корисниците сакаат да ја вратат апликацијата.
Да потсетиме, Маск неодамна го заврши купувањето на Твитер за 44 милијарди долари и веднаш ги отпушти сите директори. Така, оживувањето на Vine може да биде тест за инженерите, иако Маск ги негираше гласините дека планира да отпушти 75 отсто од работната сила на Twitter.
Ако Vine навистина се врати, ќе постои во значително поинаков свет отколку што беше во средината на 2010-тите. Денеска постои мегапопуларниот TikTok чиј модел на кратко повторувачко видео е „копиран“ од сите други социјални мрежи. Сепак, Twitter би можел да преземе поинаков пристап за да го направи Vine дел од оваа социјална мрежа, наместо посебна апликација како што беше првично, или може да понуди некои уникатни карактеристики за да се истакне на пазарот.