Иран денеска потврди дека нивната прва вакцина против Ковид-19 е ефикасна во 90 проценти од случаите, покажаа првичните резултати од клиничките испитувања.

Мохамед Реза Салехи, кој ги предводи клиничките испитувања за вакцината наречена COVIran Barakat, за иранската агенција IRNA изјави дека тестовите врз волонтерите кои учествувале во првата фаза од тестирањето покажале подобри резултати отколку што се очекувале.

„Прелиминарните резултати покажуваат дека 90 проценти од луѓето кои примија две дози од вакцината имаат докази за развој на имунитет“, рече Салехи.

Ирански официјални лица претходно соопштија дека COVIran Barakat е 100-процентно ефикасен против британската мутација на Ковид-19.

Вкупно 56 волонтери на крајот на декември ја примија првата доза на вакцината, а втората во февруари.

Втората фаза од тестирањето треба да почне пред крајот на иранската календарска година на 20 март и ќе трае до мај.

Вакцината COVIran Barakat ја развива државната организација Shifa Pharmed Industrial Group.

COVIran Barakat не е единствената иранска вакцина што се развива, бидејќи втората е Razi Cov Pars, што наскоро треба да почне да се тестира на луѓе. Оваа вакцина ја развива Рази институтот за вакцини и серумски истражувања.

Официјални ирански лица се надеваат дека вакцинирањето на населението со домашната вакцина ќе почне за неколку месеци.

Иран, истовремено, се обидува да воведе неколку вакцини, вклучително и вакцини од универзитетот Оксфорд и AstraZeneca, кинеската Sinipharm и индиски „Берат“.

Досега во Иран е пристигната само руската вакцина Спутник V, но во помали количини, која во моментов е наменета за здравствените работници кои се борат против Ковид-19.