Швајцарската федерална разузнавачка служба (FIS) со години имала блиски врски со најмалку три руски или поврзани со Русија, ИТ компании, вклучувајќи ја и Kaspersky, открива истрагата на швајцарскиот јавен радиодифузен сервис SRF Investigativ.
Според таен извештај што го видел SRF, се сомнева дека чувствителните податоци можеби „завршиле во рацете на руските разузнавачки служби“, објави Swiss Info.
Покрај познатиот провајдер на антивирусен софтвер Kaspersky, сајбер тимот на FIS соработувал со уште две компании што SRF, од безбедносни причини, ги нарекува „Blue“ и „Violet“.
Според интерен документ, соработката вклучувала „редовни контакти“, размена на технички ресурси, па дури и директен пристап до серверите на „Blue“. Компанијата „Blue“, со седиште во Цирих, е основана од двајца Руси и еден Швајцарец, а дел од нејзиниот персонал бил регрутиран од Русија.
Соработката со FIS наводно започнала помеѓу 2016 и 2017 година во Москва и траела до 2020 година. Во тајниот извештај се наведува дека компанијата „Blue“ обезбедила податоци од своите сервери најмалку десетина пати и обезбедила директен пристап на швајцарската служба.
Сепак, компанијата за SRF негирала каква било соработка со FIS или поврзаност со Русија.
Трета компанија, „Violet“, беше означена како „најважен извор на информации“ за сајбер тимот на FIS, со операции во кантоните Тичино и Берн. Според извештајот, компанијата имала „сомнителни корисници“, вклучувајќи руски хакери, а исто така соработувала и со руска компанија за сајбер безбедност неколку години.
„Violet“ не одговори на прашањата на SRF, додека FIS одби да коментира за наводите во извештајот, наведувајќи го својот принцип да не коментира доверливи документи.
Министерот за одбрана на земјата, Мартин Пфистер, нареди надворешна административна истрага. Отворени се и кривични постапки.