Студија која го проучувала коронавирусот открила интересен податок за тоа кој е „одговорен“ за најголемо ширење на вирусот.

Истражувањето го спровел Државниот универзитет Колорадо (CSU), а оригинално било насочено кон уметници како актери, пејачи и други изведувачи за да се открие како тие безбедно да се вратат на сцената по пандемијата.

Испитаниците од различно доба влегувале во просторија која се користела за тестирање на присутност на честички во воздухот. Некои од нив требало да пеат „Среќен роденден“, други свиреле на инструменти… Заклучокот бил јасен.

„Пеењето дефинитивно емитира повеќе честички од обичниот говор“, истакнал Џон Волцкенс, професор на одделот за механичко инженерство на „CSU“.

Според истражувањето, пеењето произведува 77 отсто повеќе аеросолни честички од разговорот, а возрасните лица произведуваат 62 отсто повеќе аеросолни честички од децата.

Но, истражувачите откриле уште еден интересен податок – децата и жените шират помалку честички од мажите. Имено, мажите произведуваат 34 отсто повеќе аеросолни честички од жените.

„Возрасните лица шират повеќе честички од децата. Причината поради тоа е едноставна – тие имаат поголеми бели дробови“, појаснил Волцкенс, но и додал дека честичките, а со тоа и вирусот, повеќе го шират лицата кои зборуваат погласно.

„Гласноста со која зборувате е индикатор колку енергија вложувате во таа активност. Таа енергија се претвора во ширење на честички кои излегуваат од вашето тело. Тоа се честички кои пренесуваат Ковид-19 и можат да заразат други луѓе“, додава професорот.

Тој појаснил дека затворените простори како барови, спортски и концертни сали во кои е многу гласно, се места во кои е поголем ризикот од ширење на коронавирус. На пример, една балетска претстава е побезбедна од рок концерт на кој посетителите скокаат и гласно пеат.

Авторите на студијата сметаат дека затворањето на спортските и концертните сали, како и театрите за време на пандемијата веројатно спасило стотици, ако не и илјадници животи. Тие додаваат и дека резултатите на нивното истражување ќе бидат корисни не само за да се ограничи ширењето на вирусот, туку и за да се намали ширењето на другите вируси кои се шират преку воздух, како оние кои предизвикуваат настинки или сезонски грип.