Електронскиот нос дизајниран од италијанската научничка Соња Фреди може да го почувствува потеклото и свежината на виното, објави Католичкиот универзитет во Бреша.

Физичарка од Бреша и координаторка на проектот „Од наноструктури до вештачка интелигенција: електронски нос за заштита и валоризација на винското наследство“, таа го создаде овој уред на одделот за физика на универзитетот.

„Електронскиот нос детектира молекуларни биомаркери и го отвора патот за нови методи за контрола на квалитетот“, се вели во соопштението за печатот на Универзитетот, пренесува Ansa.

Како што е наведено, храната и пијалоците испуштаат одредени молекули на гас кои можат да покажат дали производот е свеж или расипан. Носот ги детектира овие молекули на биомаркери благодарение на анализата на испарливи компоненти и потенцијално може да се примени во различни области како што се контрола на квалитетот, свежината и потеклото на производите.

Виното се карактеризира со околу 800 различни органолептички и испарливи компоненти кои го идентификуваат не само неговиот хемиски состав или видот на грозјето што се користи, туку и неговото потекло.

Во последниве години, винската индустрија бара сè побрзи и посигурни техники за проверка на потеклото на вината DOCG или DOC, а употребата на електронски нос, благодарение на високата чувствителност на сензорот, е техника која станува сè попопуларна во оваа област.

Електронскиот нос е тестиран во лабораторија на различни примероци, како што се амонијак, ацетон и оцетна киселина, индикатори за фалсификувани вина. Потоа следеа вистински тестови на различни вина, како за проверка на нивната свежина, особено за генеричко бело вино за готвење, и за препознавање на различни видови.

Беа тестирани различни бели и црвени вина произведени во Ломбардија (Pinot grigio, Pinot rosso, Lugana, Chardonnay, Sauvignon, Prosecco, Rime rose). Се покажа дека електронскиот нос може да ја препознае свежината и потеклото на генеричкото бело вино и да препознава различни вина со висока точност.