Кинеската компанија MingYang Smart Energy ја претстави најголемата ветерна турбина MySE 16.0-242 со висина од 242 метри и капацитет од 16 мегавати, која самостојно може да напојува 20.000 домаќинства во предвидениот период на нејзиниот рок на употреба од 25 години.

Овој џин за создавање енергија од обновливи извори доаѓа со стварно луди спецификации, па кога првиот прототип ќе се заврти наредната година, неговите три лопатки од 118 метри ќе „сечат” воздух со површина од 46.000 квадратни метри, што е повеќе од шест фудбалски игралишта.

Кинезите велат дека новите ветерни турбини од овој тип ќе генерираат околу 89 гигавати енергија годишно, што е за 45% повеќе од претходната генерација MySE 11.0-203, иако имаат зголемување на димензиите од само 19 проценти.

Со ова се докажува дека постои оправдување за градба на сè поголеми ветерни турбини, бидејќи колку се поголеми, толку повеќе енергија создаваат и многу поисплатливо е да се инвестира во нив отколку во многу повеќе помали за добивање на иста количина енергија.

Новата турбина на ветер ќе ги намали и трошоците за производство на енергија од крајбрежните електрани. Сегашните трошоци за енергија од таквите електрани, според истражувањето на американското Министерство за енергија, значително ги надминуваат електраните на јаглен бидејќи треба да се инвестираат 120,52 долари за да се генерира еден мегават, додека за електрична централа на јаглен ќе потрошите 72,78 долари по мегават, а за соларна електрана 32,78 долари.

Иако сончевата енергија е најевтина, поради бројни причини поврзани со локацијата и климата, ветерот ја пополнува празнината во постојаниот прилив на сончеви зраци, па турбините на ветер се добро надополнување, а со изградба на ваквите гиганти се предвидува дека и трошоците на енергијата добиена од ветарот значително ќе се намалуваат, помеѓу 37 и 49 проценти до 2050. година, според изв ештајот на аналитичарите на Renew Economy.

Извор: Vidi.hr