Кинеската астронаутка Ванг Јапинг во неделата влезе во историјата со тоа што стана првата Кинезинка која направи вселенска прошетка, соопшти Националната вселенска агенција.

Ванг и нејзиниот колега, астронаутот Жаи Жиганг, двајца од тричлениот тим кој моментно е стациониран во новата кинеска вселенска станица „Тјангонг“, успешно ја завршија 6,5-часовната вселенска прошетка во раните утрински часови, соопшти Кинеската вселенска агенција (CMSA). Третиот член на екипажот Шенжу-13, Је Гуангфу, останал во вселенската станица за да ја следи прошетката од основниот модул, пишува Си-ен-ен.

За време на вселенската прошетка, астронаутите вградиле уред за суспензија и приклучоци за пренос на роботската рака на станицата. Тие, исто така, ја тестирале безбедноста на помошната опрема, вклучително и кинескиот вселенски костум. Ова е првпат екипажот да ја напушти станицата по пристигнувањето на 16 октомври.

Набргу по излегувањето од вселенската станица во неделата, Ванг ја поздрави публиката на Земјата и рече дека се чувствува одлично.

Видеото го објави контролниот центар и набрзо се прошири на кинеските социјални мрежи. Ванг е втората Кинезинка во вселената. Во историјата се запиша Лиу Јанг, која во 2012 година беше член на екипажот на вселенското летало Шенжу-9.