Она што сè уште загрижува се новите соеви на коронавирус, како и колку вакцината ги штити лицата со имунитет.
Според новите упатства од Центрите за контрола и превенција на болести на САД (CDC), целосно вакцинираните лица не треба да носат маска на отворено и во повеќето затворени простори. CDC ја заснова својата одлука врз голема студија спроведена низ целата земја.
Ново истражување откри дека вакцините на Moderna и Pfizer обезбедуваат 94-процентна заштита на здравствените работници кои се на првата одбранбена линија од коронавирусот. Само една доза обезбедува 82-процентна заштита. Токму тоа влијаеше на одлуката на CDC да ги ублажи упатствата поврзани со носењето маски, пишува CNN.
„Новиот извештај ни ги обезбеди најсеопфатните информации досега за COVID-19“, рече директорката на CDC, Рошел Валенски, додавајќи: „Вакцините против COVID-19 се ефикасни во спречување на развој на болеста, особено на тешки форми, како и на смрт од болеста. Вакцината исто така го намалува ризикот од ширење на вирусот“.
Откако со недели ги предупредуваа луѓето дека дури и вакцинираните лица можат да го носат вирусот во носот, устата и грлото, но исто така и дека можат да го шират и да го пренесат на други, од CDC велат дека доказите покажуваат дека тоа е малку веројатно.
Причината лежи во вирулентноста, односно заразноста. Најмалку три големи студии покажаа дека целосно вакцинираните лица не се позитивни на коронавирус на тестирањата, што значи дека тие дури и не го пренесуваат, без оглед дали имаат симптоми или не.
Кон крајот на март беше објавена студија која опфати околу 4.000 здравствени работници кои беа тестирани на неделно ниво. Само така можеле да откријат дали некој е заразен без симптоми.
Околу 63 проценти од нив биле целосно вакцинирани, така што ги примиле и двете дози на вакцината. Само 11 проценти имале асимптоматски инфекции. Оние кои ги примиле обете дози имале 90 проценти помали шанси за инфекција, а оние кои примиле единечна доза околу 80 проценти.
Слична студија, спроведена скоро истовремено во Израел и објавена во списанието Nature Medicine, покажува дека целосно вакцинираните лица се слабо вирулентни, што значи дека многу поретко го пренесуваат вирусот на некого.
„Овие проценки, спроведени во различни студии на повеќе луѓе и во поширока географска област од клиничките студии, независно ја потврдуваат ефикасноста на американските вакцини Moderna и Pfizer меѓу здравствените работници“, велат од CDC.
Бидејќи сѐ повеќе граѓани се вакцинираат, ризикот од инфекција опаѓа, вели д-р Питер Хотез, експерт за вакцини.
Според сите достапни податоци, постои многу мал ризик целосно вакцинираните лица да го шират вирусот.
Она што сè уште загрижува се новите соеви на коронавирус, како и колку вакцината ги штити лицата со имунитет.
Исто така, од CDC посочуваат дека сè уште не е целосно јасно колку трае заштитата на вакцините, иако студиите сугерираат дека тоа е најмалку шест месеци, а веројатно и подолго.