Студија што го истражува лекот против ковид на Фајзер потврди дека помага во спречување на сериозни болести, објави „Фајзер“.

Во соопштението на компанијата се вели дека антивирусниот лек бил ефикасен и против омикрон во лабораторија.

„Убедени сме дека, доколку се одобри, овој потенцијален третман може да биде важна алатка во борбата против пандемијата“, рече Алберт Бурла, извршен директор на Фајзер.

Доколку лекот се користи во рок од три дена од почетокот на симптомите, го намалува ризикот од хоспитализација и смрт за 89 проценти. Доколку се даде во рок од пет дена, ризикот се намалува речиси за исто толку, за 88 проценти.

Резултатите, врз основа на анализа на 2.246 невакцинирани доброволци со тешки симптоми, во голема мера се совпаѓаат со првичната анализа спроведена од Фајзер и објавена минатиот месец.

Фајзер тврди дека 0,7 отсто од пациентите кои го примиле лекот биле хоспитализирани во рок од 28 дена од влегувањето во студијата, а ниту еден не починал.