Според најновите истражувања спроведени на Универзитетот „Јејл“, Мачу Пикчу, древниот град на Инките, е основан најмалку две децении порано отколку што се мислеше.

Ова го откри тимот предводен од археологот Ричард Бургер и истражувачи од неколку други американски институции, кои ги објавија резултатите во академското списание „Антика“. Во соопштението до јавноста се вели дека градот е основан помеѓу 1420-1530 година.

„Досегашите процени за староста на Мачу Пикчу беа основани врз основа на контрадикторни историски извештаи напишани од Шпанците во периодот по шпанското освојување. Ова е прво истражување засновано на научни докази, кое дава процена за основањето на Мачу Пикчу и траењето на неговата окупација давајќи ни појасна слика за потеклото и за историјата на локацијата“, објасни Бургер.

Врз основа на историски документи научниците претходно веруваа дека Мачу Пикчу е подигнат меѓу 1440 и 1450 година.