Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел денес предупреди дека вештачката интелигенција би можела да предизвика следниот голем конфликт меѓу Европа и САД.
Зборувајќи на настан организиран од списанието „Штерн“ во Берлин, Меркел повика на обврзувачки правила за користење на вештачката интелигенција и нагласи дека алгоритмите што работат без контрола би можеле да ги лишат луѓето од важни информации, објави „Билд“.
Меркел беше особено критична кон американската администрација на Доналд Трамп, велејќи дека САД ќе се обидат да спречат регулирање на дигиталните медиуми и вештачката интелигенција и дека ќе има „само еден победник“ во глобалната трка за доминација во областа на вештачката интелигенција.
Поранешната германска канцеларка, исто така, предупреди дека ЕУ често се смета за „проблематичар“ во САД, бидејќи Америка преговара со поединечни членки, а не со ЕУ како целина.
Сепак, таа рече дека останува обожавател на американската култура, истакнувајќи ги „фармерките, Брус Спрингстин и Западниот брег на САД“ како „нешто за кое може да се сонува“.






