На вчерашен ден пред 20 години, Меѓународната вселенска станица стана дом за првите астронаути.

На последниот ден од октомври 2000. година, од космодромот Бајконур беше лансирана ракетата „Сојуз“ со човечки екипаж кој го сочинуваа руските астронаути Сергеј Крикалев и Јури Гиџенко и Американецот Бил Шеперд.

Два дена подоцна, на 2. ноември астронаутите пристигнаа на Меѓународната вселенска станица (ISS) која беше нивен дом во следните неколку месеци. Од тој ден, до денес на ISS се менуваат астронаутите, па така во вселената има луѓе константно веќе 20 години.

Меѓународната вселенска станица настана во време на едни посмирени геополитички времиња од тие што владеат денес, во времето по Студената војна. Станува збор за проект на НАСА, Роскосмос и европски, канадски и јапонски партнери. Во текот на следните две децении, ISS беше дом за 241 астронаути од повеќе земји ширум светот.

Станува збор за, како што ја нарекоа од National Geographic, една од најскапите и технолошки најкомплексните објекти кои ги изградила човечката рака. Плод е на напорна и долгорочна заедничка работа на дури 100 илјади луѓе, а цената за изградба изнесуваше неверојатни 150 милијарди долари.

Меѓународната вселенска станица кружи над нашите глави на висина од околу 400 километри, движејќи се со неверојатна брзина од 28 илјади километри на час. Настаната е од американскиот концепт „Space Station Freedom” од 1984. година, а првите делови се лансирани во вселената во 1998-ма година. На денешен ден на ISS пристигна првата експедиција, а моментално престојува 64-та експедиција.

Дејвид Никсон, кој за НАСА го правеше дизајнот на Меѓународната вселенска станица, вели дека ISS по својата важност може да се стави во иста категорија како и некои најголеми градби на нашата цивилизација, како на пример пирамидите во Египет.

Како што велат астронаутите, престојувањето на Меѓународната вселенска станица „не е како одење на одмор“, но секое време поминато на станицата е непроценливо, како што е неверојатниот поглед кој го имаат на планетата Земја.

Извор: Zimo.hr