Непал и Кина заеднички објавија дека највисоката планина во светот, Монт Еверест, е за 86 сантиметри повисока од претходните официјални податоци.

Покривот на светот сега е на висина од 8.848,86 метри. Досега официјалната висина на Монт Еверест беше 8.848 метри, што беше прифатен резултат на мерењата на индиските научници во педесеттите години од минатиот век.
Ревидираните податоци за висината, Кина и Непал ги објавија откако во 2019 и 2020 година секој на својата страна на Монт Еверест ги испрати своите геодети.
Дебатата за реалната висина на врвот се интензивира во последните неколку години, поради загриженост дека постои можност тој да е намален поради големиот земјотрес во 2015 година. Непал претходно ја измерил висината на Монт Еверест, која изнесуваше 8.848 метри, додека Кина навела дека е 8.848,43 метри затоа што мерењето не ја вклучувало „снежната покривка“. Тие расправии продолжиле со децении, па оваа бројка од 8.848 метри беше прифатена по експедицијата на индиските власти.

Картографите ја користеле оваа бројка до крајот на 1990-тите години, и покрај спротивставените истражувања, вклучувајќи дури и во 1987 година, кога италијански експерти забележале висина од 8.872 метри, додека Американците пресметале дека таа изнесува 8.850 метри. Меѓутоа, многу планинари и истражувачи тврдат дека во текот на претходните години не се променила само висината туку и изгледот на планината, пишува „Индипендент“.
Непалската експедиција, која беше на врвот минатата година, и кинеската, која беше оваа година, ја измерија новата надморска височина користејќи го Глобалниот сателитски систем за навигација, како и радари за снимање под површината, скенери, антени и друга опрема што ја понесоа со себе.

Тоа беше првпат истражувачите да ја измерат висината на врвот од врвот затоа што досега тоа се правеше со традиционални тригонометриски методи.

Во Непал, ова мерење беше прашање на национална гордост, бидејќи земјата досега се потпираше на мерењата на експерти од странство.

Извор: N1info.com