Група американски научници открија огромен астероид и предупредија дека може да се судри со Земјата.
Станува збор за астероидот 2022 AP7 со пречник од 1,5 километри, што е најголем откриен во последните осум години. Доколку овој астероид би удрил во Земјата, ударот би се почувствувал на неколку континенти.
„Досега откривме два астероиди блиску до Земјата со пречник од околу еден километар. Астероидите со таа големина ги нарекуваме убијци на планети“, рече Скот Шепард, астроном од Карнегиската институција за наука за Земјата и планетарна лабораторија и главен автор на истражувањето. Сепак, само 2022 AP7 има орбита што го прави потенцијално опасен за Земјата.
Астероидот „убиец на планетата“ се „скрил“ некаде помеѓу Земјата и Венера, што го отежнувало откривањето. Астрономите мораа да гледаат во правец на Сонцето за да го проучат тој регион, а вселенските телескопи како Џејмс Веб и Хабл не можеа да се користат во овие случаи бидејќи Сонцето ќе ја „испржи“ нивната чувствителна оптика.
Иако внатрешниот соларен систем е во голема мера непознат за научниците кога станува збор за астероиди, тие веруваат дека има неколку кои се потенцијално опасни за Земјата.
Шепард рече дека повеќето астероиди имаат орбити кои никогаш нема да ги доведат до судир со Земјата, но и дека не е познато кога и дали воопшто 2022 AP7 претставува акутна опасност за Земјата.
Астрономите набљудуваат околу 2.200 потенцијално опасни астероиди чиј дијаметар е поголем од еден километар. Ваквите вселенски карпи претставуваат потенцијална опасност за целата планета бидејќи дури и астероид со дијаметар од 50 метри може да уништи град со големина на Лондон доколку експлодира над неговиот центар.
Астероидот Апофис има орбита опасно блиску до Земјата. Во 2020 година, научниците предупредија дека може да дојде до судир во 2068 година, а подоцна истата година рекоа дека вселенска карпа со дијаметар од 370 метри би можела да влезе во орбитата на некои комуникациски сателити најрано во 2029 година.