Истражувачите известуваат за случајот на млад пациент кој дошол во Итната помош со силна главоболка. Имал покачен интракранијален притисок и бил позитивен на коронавирусот SARS-CoV-2, што укажува на тоа дека ненадејните главоболки за време на пандемијата не треба да се игнорираат.

Вирусот SARS-CoV-2, кој предизвикува Ковид-19, главно влијае на респираторниот систем, предизвикувајќи симптоми како сува кашлица, губење на чувството за вкус и мирис, како и отежнато дишење. Сепак, има сѐ повеќе извештаи дека болеста предизвикува и невролошки ефекти како што се енцефалитис и мозочен удар, пренесува News Medical.

Кај Ковид пациентите се јавуваат ненадејни и силни главоболки, понекогаш придружени со невролошки симптоми. Тоа е најчестата невролошка манифестација на оваа болест што треба дополнително да се испита.

Во студија објавена во списанието Headache, истражувачите од Институтот за човечко однесување и сродни науки во Индија известуваат за случај на 15-годишник кој дошол во Итната помош со главоболка. Пулсирачката главоболка се појавила нагло во интервали од 5-10 минути. Пациентот исто така повраќал и бил чувствителен на светлина.

Пред почетокот на главоболката, пациентот имал ниска температура, но немал респираторни симптоми како што се кашлица, болка во грлото или губење на чувството за мирис.

Откако го прегледале пациентот, лекарите регистрирале дека со преглед на очите и со магнетна резонанца на мозокот не биле откриени абнормалности, а рутинските крвни тестови исто така биле во рамките на нормалните вредности.

По пет дена лекување, момчето било свесно, но главоболката не се подобрила и не помагале лекови против болки. По тестирањето за COVID-19, се покажало дека пациентот е позитивен на коронавирус.

За време на неговиот двонеделен престој во болница, тој примил дексаметазон, манитол, ацетазоламид и топирамат. Здравјето на пациентот почнало да се подобрува по три недели, немало пријавени главоболки и немало потреба од дополнителни лекови.

Не треба да се игнорираат ненадејните главоболки за време на пандемијата

Стручната литература покажува дека околу 11-14% од пациентите кои имале Ковид-19 пријавиле главоболка како еден од симптомите. Студиите на пациенти во Пекинг, Кина, покажаа дека главоболките се чест симптом кај околу 6,5% од пациентите.

Авторите веруваат дека главоболката е веројатно резултат на имунолошкиот одговор на организмот на SARS-CoV-2. Во случајот на младиот пациент, главоболката беше ублажена со втора лумбална пункција.

„Веќе знаеме дека SARS-CoV-2 има невротрофичен потенцијал, затоа во време на пандемија не треба да се игнорира појавата на ненадејна главоболка“, наведуваат авторите.

Тие истакнуваат дека луѓето кои доживуваат ненадејни, хронични главоболки треба да бидат тестирани за Ковид-19, и тие наведуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се испита поврзаноста помеѓу короонавирусот и главоболката.