Стриминг сервисот Netflix моментално е во фаза на значителни кадровски промени, а она што најмногу ќе ги интересира корисниците е фактот што во текот на овој квартал ќе ги прошират своите правила за споделување лозинки со други корисници, оние кои не се дел од конкретно домаќинство и на остатокот од светот.
„Иако нашите услови за користење го ограничуваат користењето на Netflix на употреба во домаќинството, ние признаваме дека ова е промена за членовите кои ја споделуваат својата сметка со други“, велат од Netflix.
„Како што воведуваме платено споделување, корисниците во многу земји исто така ќе имаат можност да платат дополнително доколку сакаат да го споделат Netflix со луѓе кои не се дел од истото домаќинство“, објаснуваат тие.
По лансирањето на можноста за легално споделување лозинки, Netflix вели дека очекува одреден број откажувања на претплати на секој пазар, но дека долгорочните придобивки од луѓето кои плаќаат за дополнителни сметки ќе резултираат со „подобрување на вкупните приходи“.
Нетфликс не даде информации за цените на таквиот начин на негово користење ниту пак утврди кога точно ќе стапи на сила промената, но изјавата на крајот на првиот квартал сугерира дека новитетите би можеле да пристигнат некаде во април.
Минатиот месец, британската канцеларија за интелектуална сопственост (IPO) објави дека споделувањето лозинки на Нетфликс ги прекршува законите за авторски права. Во Обединетото Кралство и ширум светот, вообичаено е да се споделуваат лозинки за стриминг услуги, и покрај тоа што е спротивно на условите на договорот за услуги, објави тогаш Би-Би-Си.
Во октомври, стриминг гигантот воведе можност корисниците лесно да го префрлаат својот профил на нова форма на претплата, охрабрувајќи ги да отворат сопствена сметка доколку моментално ја споделуваат со некој пријател или член на семејството. Netflix, исто така, објави нова алатка која ви овозможува далечински да ги контролирате уредите користејќи ја вашата сметка и да ги одјавите несаканите пријатели или членови на семејството од неа.
Нетфликс веќе тестираше различни начини за спречување на споделувањето лозинки во Јужна Америка и почна да бара од корисниците во Чиле, Костарика и Перу да платат дополнителна подсметка доколку стримерот открие дека некој што ја користи сметката живее надвор од нивниот дом.
Намалувањето на споделувањето лозинки е само еден од методите што Netflix ги користи за да ги смири инвеститорите бидејќи растот на претплатниците продолжува да забавува. Нетфликс објави околу 7,6 милиони нови глобални претплатници во четвртиот квартал од 2022 година. Бројката ги надмина очекувањата на аналитичарите, но сепак претставува благ пад од 8,2 милиони претплатници што услугата ги додаде во исто време 2021 година.
Основниот план од 6,99 долари беше најмалку популарен во ноември, со само девет проценти од новите претплатници во САД. Во декември, податоците на Антена собрани од The Wall Street Journal покажаа дека 15 отсто од новите претплатници се пријавиле за планот.
Новото ниво на претплата доаѓа со некои ограничувања, вклучително и забрана за офлајн преземања и квалитет на видео 720p. Но, особено е важно што исклучува одредени делови од содржината поради ограничувањата за лиценцирање, пишува The Verge.