Добитникот на Нобеловата награда за физика, сер Роџер Пенроуз, тврди дека постоел уште еден универзум пред Големата експлозија, а доказ за тоа сè уште постои во вид на црни дупки.
Непосредно откако беше објавено дека тој е добитник на Нобелова награда за значајни пробиви во теоријата за релативност на Ајнштајн, како и докази за постоењето на црни дупки, сер Роџер Пенроуз во интервју за британскиот „Telegraph“ изјавил дека пред нашиот, постоел уште еден универзум и дека неговата енергија ја чувствуваме преку црните дупки.
Сер Роџер тврди дека т.н. Хокингови точки – точки на големо, необјасниво електромагнетно зрачење на небото – се остатоци од некој претходен универзум.
Оваа претпоставка е дел од теоретскиот модел на универзумот наречен конформална циклична космологија. Според оваа теорија, Хокинговите точки го претставуваат последното исфрлање на енергијата (во облик на т.н. Хокингово зрачење) од постариот универзум, преку црна дупка.
Црната дупка е објект чие гравитациско поле е толку силно што ниту еден облик на материја или зрачење – па дури ни светлина – не може да му се спротивстави. Можно е еден таков објект да се наоѓа во средината на нашата галаксија. Научниците Рејнхард Гензел и Андреа Гез, кои ја делат Нобеловата награда со сер Пенроуз, дошле до најубедливите докази за претпоставката дека во средината на Млечниот пат се наоѓа супермасивна црна дупка.
Постои можност временскиот период потребен за целосно исчезнување на црната дупка да е подолг од сегашната старост на нашиот универзум, а со тоа ова исчезнување е невозможно да се набљудува.
Како што пренесува „Independent“, сер Роџер нагласил дека „Големата експлозија не е почетокот. Пред неа постоело нешто, а тоа нешто нè чека во иднина“.
„Нашиот универзум постојано се шири и целата маса пропаѓа со текот на времето, а според оваа моја луда теорија, таа далечна иднина станува Голема експлозија за некој нареден еон. Според тоа, нашата Голема експлозија започнала со нешто што било далечна иднина за некои претходни еони, и тогаш би постоеле слични црни дупки во фаза на исчезнување кои би ги произвеле овие точки кои јас ги нарекувам Хокингови точки. Сега ги гледаме овие точки. Тие имаат околу осум пати поголем дијаметар од Месечината и се малку потопли од нивната околина. Имаме прилично цврст доказ дека постојат најмалку шест такви точки“, наведува Нобеловецот.
Сепак, многу научници остро ја отфрлаат оваа претпоставка, тврдејќи дека сè уште не постои цврст доказ за видот на зрачењето кое излегува од црните дупки. Исто така, за да може бесконечно голем универзум да стане бесконечно мал, потребно е сите честички да ја изгубат својата маса со стареењето на универзумот, што исто така е често оспорувана претпоставка.
Според стандардната космологија, универзумот по Големата експлозија поминал низ краток процес на ширење во кој биле елиминирани неправилностите во неговата структура.Како одговор на овие критики, Нобеловецот вели дека црните дупки долго време биле отпишувани како чисто математички концепт, сè додека не било докажано нивното постоење во реалноста.