Администрацијата за храна и лекови на САД (FDA) го предупреди медицинскиот и лабораторискиот персонал дека генетските мутации на коронавирусот, вклучително и варијантата B.1.1.7 откриена во Велика Британија, може да доведат до лажно негативни резултати од молекуларен тест (PCR) за Ковид-19.

PCR тестот е молекуларна постапка заснована врз докажување на присуството на вирусна молекула на РНК.

Агенцијата го предупреди персоналот на клиничката лабораторија и давателите на здравствени услуги за можни лажно негативни резултати од кој било PCR тест и ги повика внимателно да ги разгледаат ваквите резултати во комбинација со клинички опсервации и да го повторат тестот, но со поинаков тест доколку сѐ уште постои сомневање за Ковид-19.

Лажно негативен резултат може да се појави со кој било PCR тест доколку мутацијата се случила во дел од неговиот геном за кој тестот тестира, предупредува FDA, додавајќи дека, сепак, ризикот од такви мутации да влијаат на целокупната точност на тестот е мал.

Агенцијата забележа дека анализата открила дека резултатите од трите тестови на коронавирус кои биле одобрени за итна употреба во САД може да бидат погодени од генетски мутации во коронавирусот, но се чини дека тоа влијание не е значајно.

Заразна варијанта на Ковид-19 што ја погоди Велика Британија е забележана во најмалку пет држави во САД, објави минатата недела директорот на Националниот здравствен институт Френсис Колинс, а научниците во петокот рекоа дека новоразвиената вакцина треба да биде исто толку ефикасна и против новата варијанта на коронавирус.

Стивен Хан од FDA истакна дека Агенцијата ќе продолжи да ги следи генетските мутации на коронавирусот за да се осигура дека сите досега одобрени тестови даваат точни резултати.

„Ние ќе продолжиме да работиме со овластени компании кои работат на развој на тестови и внимателно ќе ги проучуваме податоците за да се осигураме дека се дијагностицираат сите пациенти заразени со Sars-CoV-2, вклучително и оние заразени со мутирани соеви“, рече Хан.

FDA е на став дека вакцините што во моментов се лиценцирани за употреба се сепак ефикасни во заштитата од мутирани соеви. Лекарите и јавноста ќе бидат информирани за евентуални нови наоди.