– Кинеската компанија Alibaba постави нов рекорд во продажба на стоки преку Интернет во вредност од 56 милијарди американски долари за време на годинешниот празничен шопинг, Денот на самци, но тој подвиг беше засенет од падот на акциите на компанијата за 8,0 проценти предизвикан од предложените кинески антимонополски регулативи.
Денот на самци е традиционален 24-часовен трговски настан во Кина кога продавачите нудат десетици милиони производи со огромни попусти на платформите за е-трговија управувани од Alibaba, JD.com и други. Кинескиот празничен шопинг има поголем промет од Црн Петок (Black Friday) и Сајбер Понеделник (Cyber Monday) во САД заедно, пренесува Си-Ен-Би-Си.
Оваа година онлајн трговците JD.com и Alibaba го продолжија шопинг празникот кој почна на 1 ноември и ќе трае до 12 ноември до полноќ.
Alibaba соопшти дека бруто вредноста на стоките (ГМВ), бројка што ја покажува вкупната вредност на нарачките преку платформите за онлајн купување на Alibaba надминала 372,3 милијарди јуани (56,42 милијарди долари) до пладне по пекиншко време. Таа сума ја вклучува вкупната вредност на нарачките од почетокот на настанот на 1 ноември.
Оваа сума е значително поголема од 268,4 милијарди јуани ГМВ, што Alibaba ги регистрира минатата година за време на 24-часовното тргување на Денот на самците.