Како што се приближува објавата на Samsung Galaxy S21 линијата (порано од претходните години), не претставува изненадување што вестите за овие уреди гледаме секојдневно. Сега се појави фотографија која ги прикажува панелите на претстојните Galaxy S21 телефони.

Доверливиот дојавувач Ice Universe на својот Instagram профил објави фотографии од предните панели на трите Galaxy S21 телефони. Покрај споредбата на панелите еден покрај друг, може да се види и дека претходните рендери на Galaxy S21 линијата биле прилично точни. Долната рамка е нешто подебела во однос на рамките од лева, десна и горна страна.

Покрај тоа, бидејќи во прашање е предниот, горен стаклен слој на телефонот, го нема отворот за предната камера, кој сепак ќе биде поставен централно, како и претходно. Секако, добиваме и потврда за големината на дисплеите, кои изнесуваат 6,3-инчни за стандардниот Galaxy S21, 6,7-инчи за Plus моделот и 6,9-инчи на Ultra моделот.

Покрај ова, се појави и фотографија што ги прикажува задните страни на Galaxy S21 Ultra и Galaxy S21+ моделите. Ultra би требало да има 108MP главна камера, со 12MP ултраширок и два 10MP телефото сензора (од кој еден ќе нуди 10X оптички зум). Galaxy S21+ има 12MP главна и ултраширока камера, како и 64MP телефото модул. Двата смартфона ќе имаат задна страна од стакло, со мат завршница.