Министерството за одбрана на Русија во средата, 7 октомври, ја информираше јавноста за лансирањето на првата хиперсонична ракета „Циркон“.

Гаѓањето со најновото оружје беше изведено ден порано во водите на Белото море. Беше гаѓана цел во Баренцовото море. Носач на борбената ракета беше фрегатата од проектот 22350 „Адмирал Горшков“.

Оваа фрегата е направена во бродоградилиштето „Севернаја верф“ во Санкт Петербург. Воведена е во експлоатација летото 2018 година. Денес тоа е најмодерниот воен брод на Северната флота. Претходно оваа фрегата во повеќе наврати успешно ги извршуваше задачите на маневри и пловидби околу светот.

„Според податоците на објективната контрола, хиперсоничната противбродска крстосувачка ракета „Циркон“ директно и успешно ја погоди поморската цел оддалечена 450 километри. Ракетата леташе со брзина поголема од 8 маха“, велат од Министерството за одбрана на РФ.

Се истакнува дека тестирањето на летот на хиперсоничната крстосувачка ракета „Циркон“ ќе продолжи. Во перспектива со ракети „Циркон“ ќе бидат вооружени подморниците и бродовите на Воената морнарица на Русија.

Медиумите претходно соопштија дека претседателот на РФ Владимир Путин им честиташе на војниците и научниците на првото успешно лансирање на ракета „Циркон“.

Пролетва заменик-министерот за одбрана на РФ Алексеј Криворучко изјави дека со ракети „Циркон“ ќе бидат вооружени ударните нуклеарни подморници од проектите „Антеј“ и „Јасен“, фрегатите од проектот  22350 („адмиралска“ серија) и 23560 (перспективниот нуклеарен разурнувач „Лидер), како и нуклеарниот крстосувач од проектот 1142.2 „Адмирал Нахимов“.

Извор: Russia Beyond