По донесените измени и дополнувања на Законот за електронски комуникации, во јавноста се појавија поделени реакции и спротивставени мислења, а посебно на удар се најдоа помалите телекомуникациски оператори во државата.

За разлика од поголемите играчи на македонскиот телекомуникациски пазар (Македонски Телеком, А1 Македонија, Телекабел, Лајка Мобајл итн), останатите оператори во државата заостануваат во секој можен поглед и со новите законски измени можно е да биде загрозено нивното функционирање на пазарот.

Со новите измени се наметнуваат и обврски до операторите да имаат воспоставени процедури, а ќе треба да преземат мерки и соодветна контрола со цел ефикасно управување со потенцијалните ризици. Станува збор за специфични побарувања за добавувачи и производители согласно нивниот профил на ризик, преку соодветна автентикација, авторизација, евидентирање на записи и проверка со цел да се има јасна евиденција на пристапот до податоците и конфигурациските промени на мрежните елементи. Покрај тоа, операторите во рамките на нивната инфраструктура треба да воспоставуваат центри за мрежни операции и/или центри за безбедносни операции, со цел спроведување и следење на мерките за безбедно управување и работење на мрежата.

Согласно законските измени, Агенцијата за електронски комуникации треба да донесе и подзаконски акти, за кои претставниците на помалите телекомуникациски компании се изјаснија дека е потребно да се слушнат различни мислења во процесот на донесување и апелираа дека е неопходна јавна расправа пред да се донесат овие подзаконски акти.

Помалите оператори стравуваат и дека ќе претрпат одредени финансиски загуби како резултат на изгласаните законски измени и евентуалното донесување на подзаконските акти.

„Помалите оператори добија нови законски обврски, кои не само што нема да можат да ги реализираат во целост, туку и ќе им донесат потенцијални економски загуби. Обврските што произлегуваат од измените на Законот и подзаконските акти претставуваат тежок финансиски товар за малите и помалку моќни провајдери на телекомуникациски услуги во земјата, кои добија голем број нови законски обврски за да можат да го продолжат својот бизнис. Може да биде загрозено нашето опстојување на пазарот и буквално да се најдеме на работ на егзистенција”, изјави претставник на еден од помалите оператори во земјава.

Поради овие причини, помалите оператори планираат до Агенцијата за електронски комуникации да поднесат барања за финансиска помош и субвенции. Токму тука го гледаат единствениот спас од оваа незавидна состојба во која се најдоа неправедно.

„Нема да оставиме финансиски да потонеме и да пропаднеме, поради што малите телекомуникациски компании имаат намера заеднички да се организираат и да побараат финансиска помош од АЕК и останатите државни органи. Само на тој начин ќе можеме да ги оствариме обврските од законските измени и ќе бидеме во состојба да продолжиме нормално да егзистираме на телекомуникацискиот пазар”, велат од операторот.