Кинеската компанија OnePlus денеска официјално го претстави својот нов флегшип паметен телефон.
Станува збор за моделот наречен OnePlus 10 Pro, кој ја виде „светлината на денот“ во Кина. Познато е дека продажбата на кинескиот пазар ќе почне на 13 јануари, но не и кога ќе се појави на другите пазари. Сепак, едно е сигурно, ова е навистина моќен смартфон кој би можел да биде еден од најдобрите во 2022 година.
OnePlus 10 Pro работи со процесорот Snapdragon 8 Gen 1 на Qualcomm, а уредот го користи OxgenOS 12 интерфејсот базиран на Android 12. Познато е и дека има Snapdragon X65 модем, кој поддржува 5G мрежи, фреквенции и бранови должини, како и максимална брзина на преземање од до 10 Gbps. X65 обезбедува повисоки и поконзистентни брзини на 5G.
Новиот флегшип ќе има до 12 GB LPDDR5 RAM и до 256 GB UFS 3.1 меморија, што се истите спецификации што ги нуди минатогодишниот OnePlus 9 Pro.
OnePlus 10 Pro пристигнува со 6,7-инчен OLED екран како неговиот претходник, а стапката на освежување е 120 Hz, што е позитивно при сурфање на интернет и играње игри. На клиентите ќе им бидат достапни две бои, Forest зелена и Volcanic црна.
Исто така, потврдени се истите камери, главната е 48MP, телефото од 8 и ултра широката од 50MP со максимално видно поле од 150 степени. Новиот модел има подобрена селфи камера од 32MP, која би требало да креира поостри фотографии во споредба со селфи камерата од 16MP што ја има претходниот модел.
Втората генерација на OnePlus има Hasselblad камери, така што фотографиите од OnePlus 10 Pro се подобрени на неколку начини. Има подобрен Pro Modе кој фотографира во 12-битен RAW+ формат за попрецизни бои. Влијанието на Hasselblad е присутно и во Master Mode, кој нуди три филтри, поставени од професионални фотографи и уметници за да направат модни фотографии, како и фотографии од животни и урбани простори да изгледаат подобро и поуникатно. Во однос на видео снимањето, има нов режим на филм кој ви овозможува да ги приспособите ISO поставките, брзината на блендата и балансот на белата боја за време на фотографирањето и ја подобрува контролата на фокусот и осветленоста.
OnePlus 10 Pro се напојува со батерија од 5.000 mAh, најголема во понудата на компанијата досега, која ќе се истакне на пазарот бидејќи поддржува жично полнење од 80 W. Батеријата може да се наполни од 1 до 100 проценти капацитет за 32 минути. Исто така, поддржано е безжично полнење од 50 W во траење од 47 минути.