Xiaomi годинава го претстави Mi MIX Alpha, кој пристигна со интересно решение на обвиткувачки екран. Иако се работеше за концепт, а не комерцијален производ, телефонот привлече голем број вљубеници во иновациите. Сега се појави нов патент на Xiaomi, за телефон сличен на Mi MIX Alpha моделот.

Новиот патент прва го откри веб-страницата LetsGoDigital, која сугерира дека пријавата за патент е поднесена во април, а објавена на 18 декември. Документацијата содржи и 16 скици, врз основа на кои LetsGoDigital ги креирал своите рендери за тоа како може да изгледа телефонот.

Скиците покажуваат дисплеј што се обвиткува околу уредот под сите 360 степени. Разликата во однос на Mi MIX Alpha е што новиот патент сугерира дека идниот телефон би користел механизиран pop-up модул на врвот, каде што се сместени три камери и двоен LED блиц.

Покрај тоа, во врвот на телефонот на Xiaomi се наоѓа копче за вклучување и секундарен микрофон, додека во дното се сместени звучник, примарен микрофон, 3,5 mm приклучок и USB Type-C порт.