Ако оваа девојка на сликата ви изгледа познато, но не можете да се сетите од каде е, ќе сфатите дека немавте шанса кога ќе чуете за што станува збор. Таа е актерка генерирана од вештачка интелигенција по име Тили Норвуд.
Оваа „актерка“ е создадена со користење на платформата Xicoia од страна на продуцентското студио Particle6 и е претставена на Филмскиот фестивал во Цирих.
Иако проектот беше замислен како експеримент, Тили Норвуд веќе го привлече вниманието на холивудските „ловци на таленти“, од кои некои наводно сериозно размислуваат да потпишат договор со неа.
Идејата предизвика бура од реакции меѓу актерите. Познати актери како Тони Колет и Лукас Гејџ јавно ја осудија можноста „актерите со вештачка интелигенција“ да стојат рамо до рамо со вистински уметници.
Раководителот на студиото Particle6 вели дека Норвуд не е закана за човечките актери, туку е замислена како посебна уметничка форма.
Дискусијата за Тили Норвуд се појави во многу чувствително време за Холивуд. Технологијата со вештачка интелигенција беше едно од клучните прашања за време на штрајкот на SAG-AFTRA во 2023 година, кога актерите и сценаристите се бореа против неконтролираната употреба на вештачка интелигенција во индустријата.
Со истекот на тековниот колективен договор на 30 јуни 2026 година, многумина предупредуваат дека AI повторно ќе биде централна точка на преговори.