Апсолутна новина на две тркала
Ducati драстично го смени својот асортиман во последните неколку години, а сега во својата понуда и новина со која прави голем чекор напред. Ducati Multistrada V4 е првиот мотоцикл во светот со радарска технологија напред и назад.
Технологијата е дел од системот за асистенција при возење која драстично ќе ја подобри безбедноста при возење на мотоциклот. Технологијата е со потпис на Bosch и е развивана во соработка со Ducati последниве четири години. Станува збор за две единици со компактни димензии (70х60х28 мм) и тешки само 190 грама кои можат лесно да се вградат во мотоцикл.
Задниот радар открива возила во мртвиот агол, како и објекти кои приоѓаат од позади со голема брзина. Напред, радарот служи како дел од активниот темпомат, сè за да се задржи растојанието и брзината во опсег од 30 до 160 km/h.
Премиерата на четвртата генерација на Multistradа со оваа технологија, чии први копии се веќе склопени во погоните во Борго Панигале, е закажана за 4 ноември, а првите технички информации ќе ги дознаеме на 15 октомври.