Сајтот 91mobiles ги објави првите рендери од претстојниот iPhone 13 Pro модел, кои пристигнуваат од неименувани индустриски извори, а уредот го прикажуваат од сите страни.
Рендерите ги потврдуваат претходните гласини, кои сугерираа дека iPhone 13 Pro ќе има помал засек за Face ID и селфи камерата во споредба со оној што го има iPhone 12 Pro. Apple успеа да го намали засекот со поместување на слушалката над сензорот. Остатокот од дизајнот изгледа многу слично на актуелниот модел – iPhone 13 Pro ќе ја задржи рамката со заоблени агли и три камери на задната страна.
На рендерите се гледа малку поголем, квадратест систем на камери на задната страна во споредба со она што го има iPhone 12 Pro. Ова сугерира дека Apple планира поголеми камера сензори на новиот смартфон. Заедно со трите камери ќе се најде и LED блиц и LiDAR сензор за подобрени портрет снимки.
Според наводите на изворот, iPhone 13 Pro ќе има 6,1-инчен екран, а се сугерираат димензии од 146,7 x 71,5 x 7,6 милиметри, што значи дека ќе биде малку подебел од iPhone 12 Pro моделот. На зголемувањето на дебелината може да влијае додавањето на поголема батерија, што беше сугерирано од претходните гласини.
Претходните информации споменуваа дека iPhone 13 Pro и iPhone 13 Pro Max ќе користат 120Hz LTPO дисплеи и ќе имаат поддршка за 120Hz освежување на дисплејот, а сите телефони од iPhone 13 серијата се очекуваат со подобрени широкоаголни сензори и простор за складирање до 1TB.